Бесплатни гинеколошки прегледи
Црвен крст на Република Северна Македонија се вклучи во обезбедувањето на поддршка за мобилниот тим на гинеколошката мобилна амбуланта во процесот на превенција и рана дијагноза на рак на грлото на матката кај жени кои живеат во рурални средини.
Следна локација каде што се започна со бесплатните гинеколошки прегледи е Прилеп каде што Црвен крст на Република Северна Македонија Општинска организација Прилеп преку низа на активности обезбеди непречена реализација на истите. Најпрво од тим на волонтери на Црвен крст на Република Северна Македонија Општинска организација Прилеп беше извршено мапирање на ранливите целни групи особено жени во рурални средини и жени ромки при што се обезбедија податоци и информации за жените кои имаат потреба од превентивен гинеколошки преглед. Потоа од страна на наши волонтери беше поставен шатор на претходно одредена локација каде што ќе се паркира и амбулантно возило опремено за вршење на гинеколошки прегледи. Двајца волонтери од Црвен крст на Република Северна Македонија Општинска организација Прилеп обезбедуваат административна поддршка при спроведувањето на превентивните активности, а истовремено се врши и дистрибуција на флаери и информативен материјал за кампањата за превенција од рак на грлото на матката се со цел информирање на граѓаните за можноста за бесплатен скрининг за рак на грлото на матката. Предвидено е во текот на наредните денови да се реализираат најмалку 60 бесплатни гинеколошки прегледи со оглед на големата заинтересираност кај локалното население.