октомври 13, 2026

Светски ден на менталното здравје

Преку интерактивна психолошка работилница за менталното здравје кај вработените во Општинската организација на Црвен крст Прилеп и личните асистенти за лица со попреченост се одбележа Светскиот ден на менталното здравје.

На почетокот се започна со идентификување на целите и очекуваните резултати од активноста и зошто е важно менталното здравје за лицата инволвирани во активностите на ОО на Црвен крст во Прилеп, преку практични примери од учесниците и искуствени споделувања. Работилницата продолжи со дефинирање на поимот за ментално здравје, кои се ризиците за нарушување на истото, препознавање на симптомите кај себе и кај колегата за нарушено ментално здравје, повторно преку дискусија, споделување искуства и бура на идеи, едукација за осознавање на разликите помеѓу Burn out, стрес, секундарна трауматизација, пролонгирана стресна состојба, едукација за влијанието на нарушеното ментално здравје врз целокупното функционирање и нивно идентификување како тоа влијае и кои се знаците за нарушено ментално здравје на когнитивно, емоционално, физичко ниво и врз нивното однесување (преку приказ и споделување на сопствени искуства од слушателите).

Учесниците на работилницата имаа можност да се запознаат со моделот за прва психолошка помош ЗАБЕЛЕЖИ-ПРАШАЈ-СЛУШАЈ-ПОВРЗИ, практикување преку играње улоги, важноста на активното слушање, практикување техники на емоционална регулација (стоп техника, свесно дишење, приземјување и фокус кон надвор, барање помош, мускулна прогресивна релаксација).

Работилницата заврши со заклучоци и изготвување на КЛУЧНИ ПОРАКИ за подобрување на менталното здравје кај личните асистенти на лица со попреченост и вработените во Општинската организација на Црвен крст Прилеп.

< врати се назад