септември 30, 2022

Кампања за прва помош за млади

Подигнување на свеста кај младата популација за значењето на првата помош како животоспасувачка вештина е целта која што сакаме да ја постигнеме преку спроведувањето на Кампањата за прва помош за млади. Кампањата се спроведува на национално ниво и има за цел до крајот на годината да опфати 25.000 млади лица од сите основни и средни училишта и да се реализираат над 1000 обуки за прва помош. Црвен крст на Република Северна Македонија Општинска организација Прилеп се вклучи во реализација на кампањата преку организирање на обуки за млади во сите основни и средни училишта во општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени каде што ќе бидат опфатени 1450 млади лица. Обуките се држат од страна на доктори и демонстратори по прва помош обучени за правилно укажување на прва помош и истите до сега предизвикаа голем интерес кај младите за темите од областа на првата помош кои се опфатени со кампањата.

Паралелно со обуките се реализира и редовна промоција на кампањата на социјалните мрежи и локалните медиуми преку споделување на видео спотот изготвен за потребите на кампањата и текстови кои што би ги мотивирале младите да научат нешто повеќе за првата помош.

< врати се назад