„Сите сме нивни деца“
Црвен крст на Република Северна Македонија Општинска организација Прилеп под мотото „Сите сме нивни деца“, а со низа на активности ја одбележа „Неделата на грижа на стари лица“.
Во соработка со Здружението на пензионери од Прилеп-огранок Корзо беше реализирана информативна работилница со стари лица за нивно запознавање со правата од социјална и здравствена заштита со цел подобрување на нивниот квалитет на живеење и здраво стареење. Работилницата ја спроведоа социјален работник и психолог кои се долгогодишни волонтери на Црвен крст на Република Северна Македонија Општинска организација Прилеп и на истата присуствуваа 10 мажи и 17 жени стари лица.
Исто така беше реализирана и посета на Домот за стари лица Киро Крстески Платник од Прилеп од страна на членови на Клубот на млади кои реализираа повеќе активности со штитениците од домот и тоа креативна работилница, друштвени игри (шах, табла, карти) и музички дел каде имаше забава.
Како трета активност во текот на неделата беа реализирани и бесплатни мерења на шеќер во крвта за сите стари лица кои пројавија интерес за истото и посета на стари лица во нивните домовои.
Сите овие активности беа промовирани во локалните медиуми и на социјалните мрежи.